МЗТ Скопје им се заблагодари на КФСМ, противниците, а најмногу на Пелистер!

Екипата на МЗТ Скопје е старо-нов шампион на Македонија. Клубот од Аеродром со 3-1 славеше во финалната серија против битолски Пелистер, а по освојувањето на деветтата титула во историјата преку соопштение им се заблагодари на сите кои го поддржуваа во текот на целата сезона и ги повика фановите на денешното фотографирање со шампионскиот трофеј.

  • Соопштението на МЗТ Скопје ви го пренесуваме во целост:

„Освојувањето на деветтата титула донесе еуфорија кај нашите навивачи, симпатизери и сите други на кои нашиот клуб им е во срцето, а фактот што конечната победа над Пелистер се поклопи со големиот христијански празник Духовден е идеална можност за споменување на фановите на клубот кои предвреме се преселија на небото, од каде што, сигурни сме, со истиот ентизујазам ги бодрат своите миленици во сино-бела опрема.

На синоќешната шампионска прослава во мислите на сите во клубот беа членовите на нашиот небесен „Коп“ во кој, меѓу другите, се наоѓаат Виктор Јосифовски-Хард, Димитар Здравевски-Гитко, Горан Кукуноски-Кука, Драган Арсов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски, Марко Божиновски, но и многу други знаени и незнаени симпатизери и навивачи на МЗТ Скопје Аеродром. Со секој постигнат кош, остварена победа и освоена титула го одржуваме во живот сеќавањето на нив и на нивната љубов кон гордоста на Аеродром, на што сме посебно среќни и што секоја излеана капка пот ја прави дополнително вредна.

Би сакале да им се заблагодариме и на сите екипи од Првата лига, на учесниците на плеј-офот и пред сѐ на финалниот ривал Пелистер, за спортската борба во текот на целата сезона, како и на луѓето од КФМ на одличната организација. Секако, најголема пофалба и „наклон до под“ заслужија нашите кошаркари, тренери и останати членови на стручниот штаб за натчовечките напори вложени во пеколната сезона во која одигравме скоро шеесет натпревари и дојдовме до два домашни пехари (Суперкуп и првенство), како и до враќање во јадранската елита.

Сето ова не би било можно без нашиот „шести играч“ од трибините, кој на секоја средба ни го даваше потребниот „ветер в грб“, што особено се почувствува во финишот од сезоната, кога новата управа успеа да го зголеми бројот на оние најверните, чие присуство дополнително ја подобри атмосферата и од секој меч направи – спектакл. Се надеваме дека во следната сезона ќе бидат уште подобри и побројни, со оглед што веднаш почнуваме да работиме на создавање нов моќен тим, чија задача нема да биде само продолжување на домашната доминација, туку и достојно претставување на МЗТ Скопје и на општина Аеродром на регионална и меѓународна сцена. Досега оствареното е само мал дел од замислениот проект за кој се надеваме дека ќе биде успешен и дека дополнително ќе го вивне во височините не само нашиот клуб, туку ќе даде голем придонес за поголем развој на македонската кошарка.

Во чест на сето досега наброено, би сакале да ги поканиме сите навивачи, симпатизери и кошаркарски вљубеници да дојдат в недела (12 јуни) во салата „Јане Сандански“ (од главен влез) во периодот помеѓу 17:30 и 18:30 часот да ја искористат можноста да се фотографираат со шампионскиот пехар и со „сино-белите“ кошаркари и тренери – по свој избор. Ова е најмалку што можеме да им го возвратиме за нивната огромна љубов и поддршка што ни ја даваа сезонава, но и низ годините.

Се гледаме во сала!“.

Во следната сезона „штрковите“ ќе играат во АБА лигата, во која се квалификуваа по завршниот турнир на АБА2 лигата во Скопје.