МЗТ Скопје го заборави поразот од ТФТ и го декласира Тиквеш

Кошаркарите на МЗТ Скопје го заборавија болниот пораз од ТФТ Скопје од пред неколку дена и забележаа убедлива победа над Тиквеш со 102-77 во третото коло од втората фаза во домашниот шампионат.

  • Koмплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Тиквеш:

Иако воведните минути донесоа релативно изедначена игра, тимот од Аеродром постепено го наметнуваше својот ритам и по првата четвртина имаше минимална предност (24-21). Вистинската разлика беше направена во вториот квартал, кога МЗТ Скопје доминираше и на паузата замина со комотни 52-36.

Прашањето околу победникот практично беше решено веднаш по стартот на второто полувреме. Шампионот влезе фуриозно и ја зголеми предноста на триесет поени, оставајќи го противникот без реални шанси за кам-бек. До крајот, Тиквеш само успеа да го ублажи поразот за конечни 102-77.

Најефикасен во редовите на победничкиот тим беше Хуан Дејвис со „дабл-дабл“ учинок од 22 поени и 13 скокови, а имаше и две асистенции. Кај Тиквеш се истакна Тајрон Хенри со 19 поени, надополнети со четири скока и две асистенции.