• Иван Димовски

МЗТ Скопје го промовираше првото странско засилување за новата сезона, откако договор со македонскиот шампион потпиша босанскиот центар Емир Крајиниќ.
Станува збор за 24-годишен кошаркар висок 208 сантиметри, кој игра на центарската позиција и зад себе има настапи во Босна и Херцеговина и Словенија. Од клубот го најавија како подвижен центар кој добро се снаоѓа во рекетот и во офанзивните и во дефанзивните задачи.
Крајиниќ ја започна сениорската кариера во Слобода Тузла, каде настапуваше од 2018 до 2024 година. Потоа се пресели во Промо, каде просечно реализираше 13 поени и 7,4 скока по натпревар. Минатата сезона ја мина во словенечкиот прволигаш Златорог Лашко, каде повторно беше еден од позабележителните играчи со просек од 12,5 поени и 7,1 скок по натпревар.
Босанскиот центар е првото странско засилување на МЗТ Скопје во актуелниот преоден рок и второ ново име во ростерот за следната сезона, во која аеродромци ќе настапуваат во ФИБА Еврокупот, АБА2 лигата и домашното првенство.


