• Горан Упале

Екипата на МЗТ Скопје по третпат го надигра Куманово во полуфиналната серија и е првиот финалист во овосезонскиот плеј-оф од Првата македонска кошаркарска лига. Шампионот беше пресилен за Куманово и на првото гостување, кое на крај заврши со убедлив триумф на аеродромци од 61-88.
- Kомплетниот натпревар меѓу Куманово и МЗТ Скопје:
„Штрковите“ уште од самиот старт демонстрираа моќ на гостувањето кај Куманово и потсети кој е фаворит, не само во оваа серија, туку и за трофејот во шампионатот. Домашните кошаркари беа декласирани уште во првото полувреме, откако момците на Васко Атанасов на пауза заминаа со предност од огромни 25 поени.
Во првата четвртина МЗТ Скопје тргна со серија од 8-0, а откако Куманово успеа да се врати на минимални два поени негатива, следуваше нов налет на шампионот и сигурни +6 (18-24). Кумановчани немаа решение ниту во вторите десет минути. Гостинот одигра уште поквалитетно и поефикасно, но и далеку поорганизирано и поцврсто во одбраната, па тоа донесе убедливи 10-29, за предност од 25 поени разлика.
Катастрофалното полувреме на кумановчани донесе голем револт кај домашните фанови што кулминираше со сериозен инцидент. Навивачите беа особено разочарани од српскиот кошаркар Тадија Тадиќ, кој беше пресретнат од неколку домашни фанови. Тие прво вербално го нападнаа, а потоа следуваше вистински хаос на паркетот. Поголемиот дел од публиката влезе во теренот и ситуацијата ескалираше. За среќа, полицијата и обезбедувањето реагираа експресно и беше спречен поголем инцидент.
Натпреварот беше во прекин подолг период и откако салата се испразни, актерите се вратија на паркетот, но ништо не се промени. Шампионот продолжи во ист стил и на крај извојува убедлива победа од 27 поени разлика.
Најзаслужни за третата победа на „штрковите“ и пласманот во финалето беа Војдан Стојановски со 18 и Едвин и Копривица со по 15 поени. Во поразениот тим Петровиќ постигна 16, а Луковиќ застана на 13 поени.