МЗТ Скопје ги отвори подготовките со победа над Арис во Солун

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со победа над Арис со 70-66 (11-14, 18-15, 20-16, 21-21) среде Солун го почнаа циклусот подготвителни средби во пресрет на новата сезона.

„Штрковите“ одиграа одичен натпревар, на кој македонскиот тим настапи без Адем Мекиќ, Еван Максвел, Самит Јигитоглу и Андреј Андоноски поради повреди, како и без Бре Ајви, кој поради семејни проблеми доби дозвола подоцна да ѝ се приклучи на екипата. Шутот од далечина беше речиси перфектен, за што потврда доаѓа од постигнатите 12 тројки, во што предничеа Дамјан Стојановски и Страхиња Миќовиќ со по три.

Домаќинот почна силно и брзо поведе 9-2, но аеродромци вратија со серија 17-7 за прво водство (19-16). Избраниците на Петровиќ потоа зголемија на плус седум (40-33), за во последниот период да дојдат до највисоките 61-48. Арис не се предаде и врати со серија 15-2 (63-63), но сино-белите не испаничија, туку искусно ги реализираа следните два напади, за со тројката на Војдан Стојановски да стават крај на прашањето околу победникот.

Токму Војдан со 16 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а двоцифрен ефект имаа и Мицовиќ со 15 и Д. Стојановски со 11 поени. Дамјан Робев заврши со девет поени, Андреј Магдевски реализира седум, Мајк Кафи и Бојан Крстевски по пет, а во листата стрелци се впиша и Димитар Пандев со два поени.