• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје се радуваа во четвртфиналниот натпревар од АБА2 лигата против Сутјеска со 73-68. Македонскиот првак кој е домаќин на завршниот турнир, според планот тргна во разигрувањето. Иако Сутјеска пружи солиден отпор, црногорскиот тим повеќе грешеше и тоа беше казнето од страна на момците на Петровиќ.
Натпреварот кој се одигра во СЦ „Јане Сандански“ беше пред солидно пополнети трибини, а МЗТ имаше сериозна поддршка од „Фемили Аеродром“, навивачката група која беше шести играч.
Натпреварот тргна според планот за „штрковите“ во чии редови тројка и двојка погоди Војдан Стојановски за 5-2. Сепак, следеше серија грешки по што гостинот се врати и поведе со 5-9. Иако поентираше и Рикиќ, по брза реализација на Сутјеска на прв тајм-аут се реши тренерот Александар Петровиќ. Тоа вроди со плод, иако гостите поведоа со 8-13, следеше серија од 8-0 и пресврт што ја натера клупата на Сутјеска за минута одмор. На крајот од првата четвртина две тројки погоди Адем Мекиќ и МЗТ по десет минути водеше со 22-19.
Стартот на вториот период беше израмнет, а со положувањето на Николов аеродромци поведоа со 27-22. По неколку напади, МЗТ успеа преку Војдан Стојановски да се одлепи на дотогаш најубедливи +7 (31-24), што ги натера гостите на нов тајм-аут. Откако избраниците на Петровиќ не искористија можност двоцифрено да поведат, Сутјеска пријде на 34-32. Во финишот на полувремето шампионот поведе со +8, а за крај Захирагиќ со тројка го постави резултатот од 40-35 на паузата.
Вториот дел од натпреварот тргна во корист на домаќинот, со посигурна игра од Сутјеска и серија од 8-4 предноста порасна на +9. Првпат водството дојде на двоцифрена бројка по реализираниот удар за три поени на Дејвис. Сепак, следеше серија грешки на македонскиот тим, која ја искористи Сутјеска за враќање во игра и од -13 дојде до минус три на семафорот.
МЗТ беше во грч, тренерот Александар Петровиќ не успеваше да ги „разбуди“ своите кошаркари и црногорскиот тим пријде на поен дефицит. При резултат 56-52 не беа реализирани по неколку напади на двете страни, а Дејвис ги одржуваше аеродромци „во живот“. Откако и Сутјеска пак погреши, Војдан Стојановски со тројка го одведе МЗТ на +6 во однос на ривалот.
Грешките преовладуваа во црногорските напади, а казната пристигна преку Николов со тројка. Сутјеска погодуваше од слободни фрлања, па во завршните три ипол минути влезе со 64-60. Водени од одличната атмосфера „штрковите“ на две минути до крајот ја вратија предноста од десет поени (70-60) и ја најавија победата против црногорскиот ривал. Иако Сутјеска имаше последен налет и дојде до пет поени дефицит, немаше сили за кам-бек и доживеја елиминација.
Со 17 поени најефикасен играч на натпреварот беше Кристијан Николов од МЗТ кому му помогнаа Војдан Стојановски со 15 и Дејвис со 11 поени. Во таборот на гостите се истакна Томашевиќ со 13 на своето конто.