МЗТ се врати од „-20“ и напаѓаше за титула, но Златибор ја освои АБА2!

Кошаркарите на Златибор се израдуваа во финалето на АБА2 лигата, откако ја доби драмата против МЗТ Скопје со 73-78. Иако „штрковите“ се вратија од -20 поени дефицит и имаа напад за победа, не успеаја и загубија во продолжение. Сепак, јасно е дека „штрковите“ ја исполнија целта и следната сезона ќе играат во елитното јадранско друштво. 

Гостинот од Србија тргна фуриозно, погоди две тројки веднаш на стартот и бргу дојде до водство од 2-10, а тоа го натера Петровиќ на тајм-аут. Иако МЗТ реализираше во следниот напад, следеше нова тројка, па грешка на аеродромци и поени за 4-15. Македонскиот првак беше во шок, немаше решение за нападот на Златибор кој замина на огромни 6-22. Српскиот тим целосно го демолира МЗТ кој до крајот на првиот период веќе губеше со 20 поени разлика (11-31). 

Вториот период започна слично како што заврши првиот, Златибор поентираше и ги казнуваше сите грешки, а МЗТ беше за нијанса посигурен од стартот. Шутот за три поени беше најсериозно оружје на гостинот, кој погодуваше од сите позиции. Златибор се одржуваше на огромната позитива, па во завршните пет минути од полувремето влезе со 26-42. МЗТ се обиде да фати приклучок, пријде најблизу на +13, а потоа Златибор со поени од слободно фрлање го постави резултатот 50-36 на полувремето. 

По полувремето запре шутерското шоу на гостите, а МЗТ Скопје успеа да пријде на 12 поени дефицит (45-57). Полека, но сигурно избраниците на Петровиќ се враќаа резултатски во игра. Налетот на крајот на третиот период ги доведе „штрковите“ на -8 (52-60) и ја врати надежта во пресрет на завршницата.

Кам-бекот навистина се случи, МЗТ по двата поени на Златибор врза серија од 11-0 со две три тројки во низа првпат дојде до водство (63-62). Откако македонскиот шампион го презеде водството, следеше период во кој успеваше минимално да го одржи, а потоа се влезе во трилер завршница. По 70-70, потоа беше и 72-72, а двете екипи промашија по еден напад во завршната минута. На осум секунди до крајот аеродромци имаа меч-топка, меѓутоа не реализираа и дуелот влезе во продолжение. Златибор одлично тргна во продолжението, отвори со 5-0 и направи предност. При резултат 77-73, МЗТ напаѓаше за кам-бек во натпреварот, меѓутоа немаше решение и српскиот тим дојде до победата. 

Најефикасен играч на дуелот беше Кутлешиќ со 33 поени, кај МЗТ со 14 се истакна Војдан Стојановски, а по 12 уфрлија Дејвис и Николов.