• Горан Упале
Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа третиот пораз во новата сезона во АБА2 лигата, откако пред својата публика загубија од директниот конкурент за плеј-оф, Војводина од Нови Сад, со 73-78.
Македонскиот шампион во грч го отвори натпреварот и гостите од Нови Сад искусно го искористија тоа и поведоа со 2-7. Следуваше стабилизација во составот на Атанасов и нешто подобра игра за прво водство од 10-9. Позитивниот период траеше кратко, па српскиот тим одново презеде контрола, но во последниот напад со тројка МЗТ Скопје стигна до водство на паузата од 18-16.
Во втората четвртина следуваше неочекуван пад на „штрковите“ и неверојатна серија на противникот. Војводина немилосрдно ги казнуваше сите грешки на нашиот шампион и тоа ѝ донесе убедлива предност на полувреме од 16 поени разлика (29-45).
Проблемите во таборот на МЗТ Скопје продолжија и на стартот од второто полувреме. Гостинот во неколку наврати поведе со 19 поени, но во финишот со серија тројки, водството на Војводина одеднаш се стопи на само шест поени (57-63). Во финалните десет минути се водеше вистинска кошаркарска битка, МЗТ Скопје поведе по подолго време, но не го издржа пеколниот ритам и на крај загуби со 73-79.
Петков со 16 поени и Гил со 15 беа најпрецизни за МЗТ Скопје, додека за гостите прв поентер беше Стаки со 20 реализирани поени.





