МЗТ се опушти во финишот, Мекиќ со слободно фрлање го реши Хелиос

МЗТ

Кошаркарите на МЗТ Скопје го отвори турнирот во Бања Лука со победа над Хелиос Санс (69-70) во натпревар од петтото коло од АБА2 лигата.

Македонскиот тим имаше предност со оглед на тоа што противникот допатува без неколку клучни играчи. Коронавирусот го десеткува словенечкиот клуб кој сепак не се откажа и одлучи да присуствува во „балонот“.

„Штрковите“ само во два наврати имаа негатива на семафорот. Во остатокот од мечот имаа предност на своја страна и контрола над резултатот. Откако ги добија првите три четвртини, се опуштија во завршницата, но не доволно за да дозволат пресврт.

На пауза кошаркарите на МЗТ Скопје имаа солидни 36-46, а го искористија неефикасниот трет квартал за нијанса да го зголемат водството. Хелиос притисна во завршницата, израмни на 69-69 со тројката на Ферме и му остави 19 секунди на ривалот да организира напад за победа. По тајм-аутот Мекиќ беше фаулиран и погоди едно слободно фрлање, што беше доволно за триумф.

Олуџоби со 16 и Бојиќ со 12 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, а најдобар стрелец на мечот беше Махковиќ со 21 поен.