• Горан Упале

Репрезентативната пауза заврши, а со тоа се враќаат и возбудувањата во кошаркарската лига на Македонија. И тоа со дерби на двете најдобри екипи во последните години во Суперлигата. Шампионот МЗТ Скопје ќе го пречека Пелистер, тим против кого е во серија од три победи.
Овој натпревар ќе биде посебен за „штрковите“ затоа што започнува прославата на шеесетиот роденден на клубот.
„Во пресрет на 60. роденден на нашиот и ваш МЗТ Скопје Аеродром, ќе ни претставува голема чест и искрено задоволство да бидете дел од настанот со којшто симболично ја започнуваме роденденската година на клубот. Ве покануваме да присуствувате на натпреварот против Пелистер, којшто ќе се игра на 7 март (сабота), со почеток во 19:00 часот, во салата „Јане Сандански“.
Овој натпревар не е само спортски настан, туку и прв чекор во годината во којашто, на различни начини и во повеќе наврати, ќе ги одбележиме шесте децении исполнети со страст, посветеност и гордост на „Аеродром“. Ќе ни биде чест доколку со Вашето присуство ја збогатите оваа свеченост. По завршувањето на натпреварот, придружете ни се и на коктел-забавата во „Скај бар“ - Хотел Русија, каде што ќе продолжиме да славиме заедно. Со почит и благодарност, МЗТ Скопје Аеродром“, велат од редовите на шампионот.
Ако на едната страна владее задоволство, на спротивната – разочарување. Битолчани се незадоволни што одново не им е дозволено да гостуваат во „Јане Сандански“ и да го збогатат кошаркарското дерби.
„Повторно сведочиме на уште една бесмислена одлука, забрана за гостински навивачи на натпреварот кој треба да се одигра утре против екипата на МЗТ Скопје. Сала која ги исполнува сите услови, натпревар кој треба да биде празник на кошарката, а наместо атмосфера празни трибини и вештачка „безбедност“. Секогаш истите изговори: проценки, препораки, ризици… а никој не кажува зошто најголемата жртва секогаш се навивачите. Наместо да се работи на подобра организација и вистинска спортска атмосфера, најлесното решение е забрана. Дали треба и во Битола да забраниме гостински навивачи?! Спорт без навивачи нема смисла!“, стој во објавата на навивачката група „Чкембари“.
Дербито меѓу МЗТ Скопје и Пелистер започнува од 19:00 часот.










