• Мартин Танасковски

Владетелот во македонската кошарка МЗТ Скопје покажа зошто во изминатите сезони е прв на домашната сцена и со убедлива победа над Пелистер (84-64) ја стартува финалната серија во која важи за фаворит за одбрана на круната.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер:
Пелистерци имаа сила да се носат со фаворитот само десет минути, а потоа се останато беше игра на мачка и глушец на теренот. Имаа кошаркарите на тимот од Битола егал прва четвртина во која резултатот гласеше 18-18, а потоа почна падот.
И покрај индиспонираноста на најдобриот играч Хаџифејзовиќ кој имаше шут 0/4 за десетина минути, кошаркарите на Пелистер беа рамо до рамо со фаворитот од Аеродром. На стартот на вториот квартал беше 23-21, а потоа тимот на Атанасов влезе во серија. Имаше МЗТ предност од 36-21 на три минути пред крајот на првиот квартал, поради 13-0. Високиот плус остана и до полувремето (41-29), статистичките податоци во целост беа на контото на „штрковите“ и кога се говори за шутот за два, скоковите, асистенциите...
По паузата, кошаркарите на Пелистер пак одиграа конкурентна четвртина, ама не успеаја да ја намалат негативата затоа што МЗТ важи за доволно искусен тим за да испушти таква ситуација (61-49). Последните десет минути беа пак во знакот на МЗТ, кошаркарите на домаќинот во еден момент имаа и +21 (76-55) и тука веќе беше јасно кој ќе биде победникот.
Најдобар стрелец кај победникот беше Абу со 20 поени, го следеше Бојан Крстевски со 15 поени, додека Војдан Стојановски заврши со 11 поени и девет скока. Кај пелистерци, Бобан Стајиќ и Кевин Карпентер имаа по 16 поени, а Андреј Маслинко постигна 12 поени. Вториот натпревар од финалната серија исто така се игра во Скопје, а закажан е во среда.