МЗТ перфектен во Сараево, го преслуша и Ловќен во АБА-2

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје славеше над Ловќен (100-81) во рамки на АБА-2 лигата и на перфектен начин, со три победи на три меча, заминува од „балонот“ кој во регионалната лига се одржа во Сараево, БиХ.

По сигурните победи над Хелиос Домжале и Спарс Сараево, аеродромци не видоа мака и со Ловќен против кого доминираа од првата до последната минута. Тимот на Дарко Радуловиќ изгледаше одлично на терен, шутот го служеше онака како што посакуваше, а се имаше и доминацијата во скок-играта во дефанзивата, иако во рекетот Ловќен го имаше корпулентниот Урош Луковиќ.

Уште на стартот МЗТ тргна сигурно, па со огромни 22-8 го нокаутира противникот во првиот квартал. По десет минути игра македонскиот претставник ја задржа високата позитива (31-21), нешто кое оттогаш траеше па се до крајот. Највисоко што МЗТ водеше на натпреварот беше 29 поени, во неколку наврати во третата четвртина. Радуловиќ потоа реши да ротира, им даде шанса на сите кошаркари, дури и на оние кои немаа минутажа во овој „балон“, исто така се форсираше и шутот за три, па Ловќен го намали поразот.

Најдобар кај македонскиот шампион беше Американецот Ваер со 19 поени, пред Мекиќ со 15 поени, осум скока и осум асистенции, додека третото место го делат Крстевски и Рикиќ со по 11 поени. Кај Ловќен, Хаџибеговиќ реализира 20 поени.

МЗТ Скопје со трите победи во Сараево е на второто место во АБА-2. Нашиот претставник има скор 6-1 и се наоѓа веднаш зад лидерот Борац Бања Лука кој има седум победи на седум натпревари.