МЗТ останува со празни раце, ништо од АБА-лигата!?

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје се надева на влез во АБА-лигата по службен пат откако Приморска се доведе во големи финансиски проблеми, но, може да остане со празни раце, барем според најавите од Словенија.

Директорот на Приморска ја коментира ситуацијата и вели дека засега се е во рамки на шпекулацијата. Тимот има закажано состанок пред крајот на месецов, а на него ќе се говори за иднината и меѓу точките ќе биде учеството во АБА.

„Шпекулациите се едно, а реалноста е нешто сосема друго. Ништо се нема променето од последниот пат кога разговаравме, единствена промена е што сме близу до остварување на планот кој го имаме, а тоа е затворање на финансиска конструкција, формирање на ростер за наредната сезона и секако учество во АБА-лигата. Ние во ниту еден момент не кажавме дека нема да можеме да играме во АБА во која минатата сезона и покрај сите турбуленции бевме најголемото изненадување. Верувам дека наскоро ќе соопштиме радосна вест за сите љубители на кошарката во Словенија“, изјави Горан Јагодник.

МЗТ Скопје сезоната во АБА-2 ја заврши на третото место и чекаше плејоф, но поради прекинот со ковид-19, место во елитата обезбедија двата најдобри тима во АБА-2.