МЗТ одигра безгрешно и го разочара Гостивар во полната „Младост“

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје забележа нова победа во прволигашкото друштво и на гостински терен кај Гостивар успеа да слави со 61-74 (28-42), во последниот натпревар од редовното коло.

Аеродромци одиграа одличен натпревар, посебно во одбраната, која делуваше стабилно и која ги спушти гостиварчани до 14 поени во првите два периода. МЗТ уште од стартот на мечот даде до знаење дека победата само е императив на оваа средба, а се одеше полесно по полувремето, на кое се имаше двоцифрена негатива.

Гостивар пред полната сала „Младост“ парираше само осум минути, кога водеше со 12-11, а потоа почнаа „рафалите“ на Симоновски и трите тројки во низа, за предност од 12-20. Високата позитива се чуваше и до полувремето, а кога одбраната е добра, тогаш се е полесно. МЗТ на пауза имаше предност од 14 поени (28-42), со кои влезе и во последните десет минути (44-58) и не дозволи Гостивар ниту еднаш да дојде близу до шанса да изненади.

Најдобри кај победникот беа Иванов и Симоновски со по 17 поени, додека Младеновски и Вудард дадоа по 15. Кај гостиварчани, Костоски беше најефикасен со 19 поени, Ефианаи уфрли уште 16 поени, Фустингер заврши со „дабл-дабл“ (14п, 12ск.), а дебитираше и новото засилување Бојан Трајковски, но со само три поени и реализација од поле 1/8.

За двете екипи сега следи предизвик во Купот на Македонија, а потоа доаѓа и паузата поради репрезентативните настапи. На обврските во Првата лига, клубовите ќе се вратат на почетокот на март.