МЗТ немаше сили, Американците на АЕК покажаа моќ во Скопје

Кошаркарите на МЗТ Скопје немаа сили да се спротивстават на тимот на АЕК Ларнака и загубија со конечни 69-85 во четвртото коло на ФИБА Европа купот. 

„Металците“ започнаа одлично и бргу стигнаа до предност од 7-0, но АЕК веднаш се врати и покажа дека се работи за квалитетен противник. МЗТ имаше три загубени топки и не реализираше неколку напади, по што Кипраните стигнаа до 20-23 на крајот од првата четвртина.

АЕК продолжи со добар ритам и во втората делница, додека МЗТ постојано беше во мала негатива. Се вратија момчињата на Васко Атанасов, поведоа и со +3, но до паузата гостинот погоди неколку брзи кошеви во серија, а со поените „два плус еден“ на МекКинис, замина во соблекувалната со резултат 42-49 и седум поени предност. 

Кошмарно започна второто полувреме за скопскиот тим, АЕК продолжи со налетот и отвори со серија 13-5, со што стигна до петнаесет поени позитива. Кај МЗТ нештата не функционираа како што треба, а згора на тоа, во ростерот ги немаше Дамјан Стојановски и Димитрије Николиќ. Ривалот од Кипар целосно го искористи падот на домашните, само потврдувајќи го триумфот и во последните десет минути. 

Аеродромци ги загубија силите за нешто повеќе, па така на крајот мораа да се помират со четвртиот пораз во групата Е (69-85). Најдобар поединец кај АЕК Ларнака беше Мајлс Тејт со 22 поени, а во редовите на МЗТ Скопје седумнаесет поени постигна Емир Крајиниќ, на кои уште четиринаесет додаде Ноа Фарахан.