• Александар Ковачев

Кошаркарите на МЗТ Скопје запишаа нов пораз во АБА-лигата, откако во дуелот со директниот конкурент за опстанок Мега Бемакс, во рамките на 18. коло убедливо се совладани со 106-74. По денешниот пораз мисијата на нашиот претставник за опстанок во елитата на АБА-лигата се сведува само на теорија.
„Штрковите“ катастрофално го започнаа натпреварот, имаа лош шут од игра (само 37%) и седум загубени топки, а домаќините тоа знаеја да го казнат и по првата четвртина создадоа предност од високи 30-14. Во првите десет минути тренерот на гостите Лукајиќ се обиде со два тајм-аути да ја смири играта на своите избраници, но и тоа се покажа како недоволно, па поразот во продолжение беше едноставно неминовен.
Српските кошаркари подобро отворија и во втората четвртина, па по серијата од 6-0 поведоа и со највисоки +20 (36-16). До крајот на првиот дел, кошаркарите на Мега предводени од Чанчар (17 поени) само ја зголемуваа предноста, која на полувремето изнесуваше огромни +25 (60-35).
По одморот и советите од Лукајиќ, кошаркарите на МЗТ одиграа подобро во фазата на нападот, се разигра Лалиќ и ја добија четвртината со 21-24, за намалување на високата негатива. Но, до крајот нашиот претставник немаше сили за нешто повеќе, повторно одигра катастрофална четвртина и на крајот запиша нов пораз со убедливи 106-77 .Најефикасен во редовите на Мега беше Чанчар со 20 поени, а поранешниот металец Стефан Синовец запиша 16 поени. Кај МЗТ Скопје, Лалиќ запиша 14 поени, Спасојевиќ 12, а Стојановски натпреварот го заврши со 10 коша.
Во наредното коло кошаркарите на МЗТ Скопје на домашен терен играат против Унион Олимпија.