• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје покажа моќ и славеше убедливо над Кожув (101-79) во дуелот кој се одигра во рамки на деветотто коло од машката кошаркарска Суперлига. „Штрковите“ од Аеродром имаат скор 8-1 оваа сезона, додека гевгеличани се на скор 5-4.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Кожув:
Што се однесува до дуелот во Аеродром, МЗТ не дозволи реприза на Суперкупот на Македонија, каде ептен се измачи да го победи Кожув. Доминираше домашната екипа од првата до последната минута, за заслужена висока победа на своето конто.
Првите три периоди беа клучни за победата на „сините“ од Аеродром, а најмногу тимот се истакна во третиот квартал кога имаше напаѓачка „експлозија“ и 36 постигнати поени. Токму во овие моменти, тимот на Атанасов дојде до висок плус за мирен финиш. Највисокото водство кое МЗТ го имаше на мечот беше 37 поени (93-56).
Магдевски со 21 поен беше прво име кај домаќинот, го следеше Гил со 19 поени и седум скока, додека кај Кожув, Вашингтон постигна 30, а Симиќ и Бојчев имаа по 12 поени. Со оваа победа МЗТ Скопје застана зад лидерот ТФТ Скопје.




