МЗТ на погон на Стојановски и Бојиќ подобар од Фени Индустри

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје извојува очекувана победа на домашен терен и во СЦ „Јане Сандански“ беше подобар од Фени Индустри (97-90).

На погон на македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски, како и Андрија Бојиќ, фаворитот дојде до нова победа во мак-баскетот, оваа за крај на 2018 година. Фени Индустри подобро го отвори мечот, водеше дури и со 16-27, но потоа аеродромци ги презедоа работите во свои раце и запишаа нов триумф.

„Штрковите“ во мечот ги врати Стојановски, кој потпомогнат од Магдевски, направи серија од 9-0 и од 26-36, го донесе домаќинот на 35-36. До полувремето Фени ја задржа предноста, но овој пат таа беше минимална (43-46), за по паузата да следи напаѓачка експлозија на МЗТ, која донесе предност од 76-63. Во последниот период Кочов ротираше, но тоа не ја доведе победата на МЗТ под знак прашалник.

Кај МЗТ прво име беше Стојановски со 26 поени, а го следеше Бојиќ со 23, додека Вудард даде 15, а Симоновски 12 поени. Кај Фени, Фундербург застана на 20 поени, Петровски постигна 17, а Пајиќ реализира 15 поени.

МЗТ ја заврши годината со скор 8-2 и се наоѓа на третото место на табелата. Фени Индустри, пак, е петтопласиран со скор 6-4.