МЗТ му сервира реванш на Работнички во „вечното дерби“ во Градски парк!

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје не му дозволи на Работнички да остане на врвот на табелата во Првата македонска кошаркарска лига и во „Градски парк“ успеа да слави во 143. „вечно дерби“ во нашата кошарка (70-74).

Аеродромци влегоа во дербито по тежок меч со Сутјеска во АБА-2 лигата, но и тоа не беше проблем за избраниците на Кочов да дојдат до триумф во натпреварот со лутиот градски ривал. Дуелот мина во одлична атмосфера, со две навивачки групи, а со победата, аеродромци во меѓусебниот скор на сите мечеви во историјата намалија на 87-56. МЗТ со овој триумф се изедначи со Работнички, со скор 14-2 и воедно сервира одмазда за триумфот на центарци во претходниот меч во Аеродром.

Двете екипи го почнаа дуелот крајно изедначено, па си го предаваа водството во првиот дел. Подобро отвори МЗТ и го држеше Работнички речиси две минути без постигнати поени од игра, но потоа домаќинот се врати во мечот. Клучна алка во играта на МЗТ беше Предраг Самарџиски, кој беше најактивен во рекетот и по 20 минути игра веќе имаше „дабл-дабл“ (14п., 11ск). Слично беше и кај Работнички, со Бојан Крстевски (10п., 4ск.). 

На полувремето резултатот беше на страната на гостинот од Аеродром (35-39), а шутот го послужи тимот на Кочов и на отворањето на третиот квартал, кога Иванов и Медфорд дадоа две тројки, за прво поосетно водство на гостите. Во наредниот напад на Работнички, Чековски направи прекршок, а на спротивната страна Иванов врати со „двојка“, за прва двоцифрена предност на мечот (37-47).

Од средината на третиот период, профункционира и шутот на Работнички, што не беше случај претходно. Мираковски даде три тројки во низа, па го врати својот тим од бездната и домаќинот дојде до негатива од два поени (51-53). 

На осум минути до крајот, резултатот се уште беше неизвесен (59-62), додека во последните пет минути, гостите имаа позитива од шест поени (59-65). Работнички претходно имаше неколку можности да изедначи, но, не влегоа два шута за три. МЗТ тоа го искористи, ја врати позитивата од седум поени, но и тоа не донесе сигурен финиш во „Градски парк“. На дваесетина секунди пред крајот МЗТ имаше шанса да ја запечати победата, но не успеа, а Работнички имаше напад при резултат 67-70, но Мираковски не погоди за три. Драматичната завршница му припадна на гостинот, кој дојде до триумф од 70-74. 

Најдобар во победата на МЗТ беше Иванов со 22 поени, а го следеше Самарџиски кој имаше одличен натпревар и „дабл-дабл“ со 16 поени и 16 скока. Кај Работнички, Крстевски заврши со 19 поени, а искусниот Мираковски финишира со 18 поени. 

Во наредното коло Работнички гостува кај Фени Индустри, додека МЗТ Скопје во Аеродром ќе му биде домаќин на Кожув.