МЗТ може да остане без најдобриот, Вер мета на тимот на Тане Спасев

Еден од најдобрите играчи на МЗТ Скопје во актуелната сезона, Дастин Вер, е меѓу кошаркарите за кои е заинтересиран неговиот поранешен клуб Лублин од Полска, предводен од македонскиот тренер Тане Спасев.

Американецот дојде во Аеродром токму од Лублин кој во меѓувреме доживеа промена на тренерската позиција и сега е предводен од македонски стручњак. Полски медиуми објавија дека од Лублин си заминал најдобриот играч и клубот бара проверено решение, а Вер е една од желбите.

Играчот има валиден договор до крајот на сезоната со „штрковите“, а е меѓу носителите на играта во ростерот на Дарко Радуловиќ кој покрај на домашната сцена игра и во АБА-2 лигата и котира високо на табелата.

На првите дванаесет натпревари во Првата лига, Вер даде по 9,7 поени, 6,4 асистенции и 2,8 скока, додека во АБА реализира во просек по 16,7 поени, 6,9 асистенции и 2,4 скока.