МЗТ Скопје може да биде „жртва“: Хрватите прават притисок во АБА!?

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје како еден од основачите на АБА-лигата побара место в година во елитата, но може да биде жртва поради притисокот кој се прави од хрватските екипи во регионалното натпреварување.

МЗТ Скопје испрати допис до АБА-лигата за в година да биде учесник во најквалитетното јадранско натпреварување како еден од основачите на лигата. Аеродромци имаа неколку одлични сезони во најквалитетната балканска кошаркарска лига, но последните две сезони се во АБА-2. Така, побараа место во АБА како македонски првак, заедно со Борац Чачак како лидер во АБА-2.

Најновите информации кои доаѓаат од Србија велат дека МЗТ Скопје може да биде „жртва“ и да не добие прволигашки статус поради притисокот кој го прават хрватските екипи. Македонскиот тим е третопласиран, но има ист скор како второпласираниот Сплит. Лобито бара да нема испаѓање, што значи дека Задар ќе се спаси, а додатното проширување на АБА да донесе место за најдобрите два клуба во АБА-2.

Во случајов, тоа се Борац Чачак и Сплит. Притисокот е толку многу голем, што, наводно, дури и Цибона се заканила дека ако биде единствен хрватски претставник, ќе го напушти натпреварувањето што би значело и крај за АБА.

Останува да видиме кој ќе биде расплетот на ситуацијата. Партизан е лидер и ја бара титулата, Црвена Звезда на спротивната страна не сака да чуе за такво нешто, а се чека прва чекор да направи Жорди Бартомеу и да донесе одлука што и како ќе биде понатаму со Евролигата.