• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје потврди дека со право го сметаат за најквалитетна екипа на домашната сцена и со триумф над Феникс 2010 (76-54) го освои Суперкупот на Македонија - „Драган Василов - Цевка“, кој е најава на новата сезона.
Дуелот меѓу првакот и вицепрвакот во Купот заврши со победа на „штрковите“ кои ја искористија ротацијата и подолгата клупа, како и поголемото искуство од тимот на Денис Дервишевиќ. Феникс во овој дуел влезе целосно реновиран, без повредениот Митревски, па очекувано беше што не можеше во целост да парира.
Едно полувреме имаше градскиот ривал сила да игра егал-дуел со МЗТ Скопје. На паузата резултатот во СРЦ „Кале“ гласеше 33-29 и тоа поради квалитетот на Дамјан и Војдан Стојановски кои дадоа важни поени пред паузата, а во третиот квартал работите дојдоа на место за фаворитот. Браќата Стојановски и Крстевски отворија одлично по полувремето, на МЗТ му ја донесоа првата двоцифрена предност (41-31) и потоа беше полесно да се игра. Позитивата на контото на аеродромци предводени од тренерот Атанасов се држеше до финишот.
Најдобар поентер кај победникот беше Војдан Стојановски со 13 поени, пред Садрик Расел со 12 поени, додека Ворку, Танасковиќ и Дамјан Стојановски имаа по осум поени. Кај Феникс, Даниел Шакур финишира со 18 поени, пред Рис Џозеф со 12 поени и уште десет скока.
За МЗТ Скопје ова е рекорден шести пехар во Суперкупот на Македонија, или петти во низа.