МЗТ ќе одлучува сам за себе, АБА-лигашите сакаат доигрување на сезоната

Клубовите претставници во Јадранската лига како што беше најавено, денес одржаа видео конференциски повик на кој се разговараше за кризата со коронавирусот. Сите конкуренции на АБА беа суспендирани на неопределено време, а глобалниот заклучок е сезоната треба да се реши на терен. 

Управата на лигата во соопштение нагласи дека здравјето на луѓето е на прво место, но желбата на сите засегнати страни е дека разврска треба да има, секако откако ќе се создадат услови за играње. 

„Денес на 22 април, клубовите од АБА лигата одржаа видео конференциски повик, на кој се разговараше за ситуацијата со вирусот ковид-19 кој ги прекина првенствата. Сите екипи едногласно се сложија дека сезоната треба да се заврши на терен, но со почитување на сите препораки од владите во земјите засегнати. Примарната цел на АБА е сезоната 2019/20 да се заврши по договорениот план и формат. Секако, клубовите се сложија дека јавното здравје е примарна цел и ќе ги донесеме сите потребни одлуки за да помогнеме“, стои меѓу другото во натписот од лигата. 

Иако се шпекулираше дека сезоната може да се поништи па првата АБА лига да се прошири за два тима, што никако не му одговараше на МЗТ Скопје кој регуларниот дел го заврши трет, сепак разврска на истата ќе има. 

„Штрковите“ ќе ги одмерат силите со Сплит во серија од две добиени средби, што многу веројатно би се одиграле без публика, па фактот дека Хрватите ќе играат два пати дома нема да игра многу улога.