• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја отвори сезоната на домашната сцена со трофеј, со триумф над МКК Куманово (70-68) во Суперкупот на Македонија кој се одигра во кошаркарската сала во Куманово.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Куманово:
Натпреварот меѓу двата тима беше крајно израмнет и неизвесен до самиот крај и беше уживање за љубителите на кошарката, заради борбата што ја видовме и од двата тима на теренот во Куманово. МЗТ Скопје влезе како актуелен владетел во мак-баскетот, но со изменет тим и неколку повреди, а МКК Куманово воден од публиката му парираше одлично.
Доказ дека имаше голема борбеност се првите две четвртини на натпреварот, кој завршија со плус од „само“ еден поен за МЗТ Скопје. Првиот квартал беше 22-21, додека вториот 17-16, за резултат 39-37 на полувреме. Се играше неизвесно се до минута до крајот на третата четвртина, кога од 52-51, МЗТ преку Фаракан и Војдан Стојановски постигна две тројки и замина на највисоки дотогаш 58-51.
Последните десет минути почнаа со доста промашувања, повеќе од две и пол минути немаше поени, затоа што и двата тима немаа расположен напад. Мразот го скрши Андоноски со забивање, а потоа Лука Стојановски со „двојка“ донесе за првпат двоцифрен плус за МЗТ Скопје (62-51). До финишот МКК Куманово приреди мала драма, но трофејот замина во Аеродром.
Ноа Фаракан со 20 поени беше прво поентерско име кај МЗТ Скопје, поддршка му беа Војдан Стојановски со 16 поени и седум скока и Лука Стојановски со 11 поени. Кај МКК Куманово, Бобан Стајиќ имаше 16 поени со по шест асистенции и шест скока, а Камерон Гуден реализира 15 поени.

