• Саше Љолес

Кошаркарите на МЗТ Скопје по голема борба успеаја да го надиграат ТФТ Скопје во осумнаесеттото коло на македонската Суперлига, славејќи со 69-70. За тимот на Васко Атанасов овој триумф значеше дека се изедначува со денешниот ривал на врвот на табелата.
- Комплетниот натпревар помеѓу ТФТ Скопје и МЗТ Скопје:
Првото полувреме понуди прилично неефикасна игра, во која за нијанса подобар беше тимот на ТФТ, кој обезбеди „залиха“ од четири поени на паузата (31-29). Се играше со грешки на двете страни, а МЗТ продолжи со бледата игра и во третиот период, кога „стигна“ до дури 17 загубени топки.
Сепак, „металците“ не дозволуваа лесно да му дозволат на ривалот да се одлепи во резултатска смисла, па така на седум минути до крајот, на семафорот стоеше 56-48 во корист на ТФТ. Следуваше серија поени од Смит-Мекјуен, Петков и Гил, по што аеродромци успеаја целосно да се вратат во игра и дојдоа до егал-ситуација, 57-57.
Во следниот напад, МЗТ делуваше малку безидејно, но тогаш на сцената стапи Дамјан Стојановски, кој погоди тројка од над осум метри, носејќи водство за својот тим. Погоди и Андоновски, па така „металците“ имаа +5 на 240 секунди до крајот.
Кризата кај ТФТ не запре, избраниците на Боро Смилковски постигнаа само пет поени до овој момент од последната четвртина. Откако аеродромци стигнаа до осум поени предност (57-65), ТФТ успеа целосно да се разбуди и се врати во егал (69-69), а имаше и напад за победа. Дејвис направи чекори и му подари на ривалот четири секунди за евентуален триумф, а лична грешка на другата страна од паркетот направи Виктор Ташовски. Смит-Мекјуен го погоди првиот „пенал“, а потоа намерно промаши, по што ТФТ немаше шанси за нови поени.
На крајот, МЗТ победи со конечни 69-70 и го мина денешниот ривал на табелата, преземајќи го лидерското место во Суперлигата. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Чарлс Гил со 16 поени, а на спротивната страна, Стенли Дејвис запиша пет поени повеќе.










