МЗТ Скопје имаше -16, ама „се разбуди“ и го прегази Златибор во АБА2

Кошаркарите на МЗТ Скопје го победија домаќинот на „балонот“ во АБА2 лигата, Златибор со 90-71 и со тоа само го потврдија своето место во четвртфиналето на ова натпреварување. Аеродромци во првиот дел имаа негатива од 16 поени, ама „стегнаа заби“ и во продолжението направија голем пресврт, па убедливо славеа.

Златибор отвори одлично, рано дојде до двоцифрена предност и разликата варираше околу границата на десет поени. На стартот од вториот период, домаќинот поведе со највисоките +16, што му даде поттик на МЗТ Скопје за серија од 0-15 и враќање на неизвесноста. Пред паузата „штрковите“ го презедоа и водството, кое го одржуваа и во второто полувреме. Во третиот период беше задржана неизвесноста, ама во завршните десет минути избраниците на Радуловиќ влегоа одлично и се одлепија за триумф на последниот натпреварот. 

Најдобар поединец на натпреварот беше Бојан Крстевски кој уфрли 25 поени, додека кај Златибор со 20 и 18 се истакнаа Митровиќ и Кутлешиќ, а 18 поени имаше и Кристијан Николов. 

МЗТ Скопје со оваа победа се израмни на табелата со Младост Земун, ама поради загубениот меѓусебен дуел ќе останат петти. Големи се шансите дека токму земунци ќе бидат ривал на „штрковите“ во разигрувањето, а ситуацијата може да ја смени само Подгорица ако направи сензација и го победи лидерот Студентски Центар.