МЗТ и Работнички првото јадранско дерби ќе го играат во „балонот“ во Сарајево

Челниците на АБА го одредија терминот за третиот „балон“ во второлигашката конкуренција, а довербата ќе му биде доделена на Сарајево. Терминот за одигрувањето на нови три кола од АБА2 лигата е одреден од први до седми март, во спортскиот комплекс „Илиџа“. 

МЗТ Скопје и Работнички ќе го одиграат своето прво меѓусебно јадранско дерби во Сарајево, бидејќи на трети март со почеток од 12:00 часот е закажан нивниот меѓусебен дуел. Лутите ривали од скопското „вечно“ дерби, за првпат ќе играат во рамките на АБА лигите, a аеродромци подобро котираат во првенството од центарци. 

По македонската пресметка, МЗТ во второто коло во Сарајево ќе игра против Ловќен, додека Работнички ќе се сретне со Сутјеска. Во последната рунда во „Илиџа“, „штрковите“ ќе играат против Младост од Земун, додека Работнички ќе ги одмери силите со Широки. 

Претходно по еден „балон“ успешно организираа Златибор и Бања Лука, сега на ред дојде Сарајево, а останува да видиме како челниците на јадранската лига ќе ја комплетираат сезоната.