• Саше Љолес

Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, зборуваше на повеќе теми во интервјуто за Gol.mk, а во еден момент се осврна и на најдобрите поединци во клубот, кои воедно претставуваат и вистински симбол на македонската кошарка.
Аеродромци во своите редови го имаат искусниот Бојан Крстевски, а заедно со него носители на играта се секако браќата Војдан и Дамјан Стојановски. Едниот веќе четири сезони е дел од шампионското друштво на „металците“, додека Дамјан е вистинска клупска икона и сезонава стигна до маестрален учинок - по десет титули во првенството и во Купот на Македонија.
„Мене искрено ми е жал што многу малку се зборува за Војдан, Дамјан и Бојан. Тие тројца се неверојатни професионалци кои пленат со својот талент, посветеност и енергија. Откако сум тренер на МЗТ мислам дека многу научив од нив и секојдневно се фасцинирам од нивниот пристап.
Војдан и Дамјан се појавија на тренинг и одиграа мечеви во деновите кога добија принова во семејството. Тоа беа различни ситуации, но никој не очекуваше дека токму тој ден ќе се појават на паркетот. Јас им реков да земат слободно време колку што им е потребно, но тие дојдоа на натпреварите и одиграа со максимално залагање.
Младите кошаркари имаат прекрасни примери за учење, овие момчиња се икони на македонската кошарка и треба да добијат поголемо внимание. Имаат огромна заслуга за промоција на нашата кошарка и во меѓународни рамки.
Мислам дека без проблем имаат „во нозете“ уште 2-3 сезони. На моменти делуваат како да имаат по 24 или 25 години, а не полни 37. Јавноста мора да им оддаде поголема почит, зашто тие вистински го заслужуваат тоа“, изјави Атанасов.
Опширното интервју со тренерот на МЗТ Скопје можете да го прочитате на ОВОЈ линк.
ФОТО: КК МЗТ Скопје/Кошаркарска федерација на Македонија