МЗТ го задржа најголемото домашно оружје: Браќата Стојановски остануваат во Аеродром!

МЗТ Скопје го задржа своето најголемо домашно оружје за новата сезона, откако официјално ја продолжи соработката со браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Обновувањето на договорите со двајцата искусни репрезентативци било еден од главните приоритети на управата во пресрет на новата натпреварувачка сезона.

За капитенот Дамјан Стојановски ова ќе биде 14. сезона во сино-белиот дрес. Најтрофејниот македонски кошаркар ќе има можност да ја нападне својата 12. шампионска титула, а сите досегашни ги освои токму со МЗТ Скопје. Неговиот брат Војдан, пак, ќе ја започне шестата сезона во клубот, во кој се врати на почетокот на 2022 година.

МЗТ Скопје претходно го врати македонскиот репрезентативец Лука Стојановски, а го ангажираше и босанскиот центар Емир Крајиниќ.

Под договор со клубот се уште Андреј Андоноски и Марин Петков, додека ростерот постепено се комплетира за настапите во домашното првенство, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.