• Мартин Танасковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје запиша нова победа над МКК Куманово, го совлада дома со 82-76, резултат со кој поведе со 2-0 во полуфиналната серија и ќе брка „брејк“ на гостински терен вреден место во финалето.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Куманово:
„Штрковите“ имаа позитива цел меч против тимот на Марин Докузовски, кој покажа заби во првите десет минути по кои беше 23-21, но потоа загуби здив. Помладиот ривал од Аеродром диригираше, влезе во серија и од 35-33, замина наа 45-38.
Тој плус потоа константно се одржуваше. Куманово не можеше да фати приклучок, а во еден момент губеше и со 12 поени разлика (63-51). Највисоката предност која МЗТ ја имаше на овој натпревар беше во последниот период кога беше на „плус петнаесет“.
Најдобар поединец кај МЗТ Скопје на овој натпревар беше Деон Едвин кој постигна 22 поени, а двоцифрен учинок имаше уште и Бојан Крстевски (12 поени), како и Андреј Андоновски со десет поени. Кај МКК Куманово, се истакнаа Роберт Димитријевски со 22 поени и Александар Радукиќ со 17 поени.
Полуфиналната серија се префрлува во Куманово на 17 мај, кога е закажан мечот број три.
ФОТО: МЗТ Скопје Аеродром / Facebook