МЗТ го испрати Тодоровски на позајмица во Куманово

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Леонид Тодоровски (20 год., 207 см), сезоната ќе ја доигра во дресот на Куманово, каде што ќе биде на своевидна позајмица за да продолжи адекватно да го развива својот талент.

По завршувањето на обврските кај кумановчани, тој повторно ќе се врати во МЗТ со кој има договорна обврска за наредните две сезони (2019/20 и 2020/21). Станува збор за центар кој уште минатата сезона сериозно се наметна за работа со првиот тим.

Од вицепрвакот посочуваат дека позајмицата доаѓа за тој да добие далеку поголема минутажа со оглед на исклучително силната конкуренција меѓу високите играчи во моментов во МЗТ, особено по доаѓањето на Предраг Самарџиски.

Тодоровски сезонава на два меча доби шанса за настап во АБА2-лигата и тоа против Хелиос и Борац, а минатата сезона дебитираше и во најсилното регионално натпреварување и тоа на гостувањето кај Будуќност.