МЗТ го декласира Спарс како најава за плеј-офот во втората АБА-лига!

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје со победа го заврши лигашкиот дел во АБА-2 лигата и во Скопје, на домашен терен, со убедливи 93-77 славеше над екипата на Спарс Сараево.

Токму Спарс ќе биде ривал на „металците“ во плеј-офот, а македонскиот тим на домашен терен го здроби ривалот и најави интересни мечеви во серијата која ќе се игра до две победи. Плеј-офот ќе стартува на 20 март, а покрај серијата на МЗТ која ќе почне од Сараево, таму играат уште Приморска и Борац.

Двата тима во СЦ „Јане Сандански“ беа изедначи само десет минути (24-23), а потоа почна МЗТ да диктира темпо. Воден од Магдевски, Вудард и Самарџиски, македонскиот тим на полувремето обезбеди предност од пет поени (45-40), а паузата како да му годеше, па се одигра одличен трет период и се задржа позитивата, пред влезот во последните десет минути.

На стартот на последниот квартал, одбраната на тимот на Кочов беше на ниво, што со ефикасен напад донесе серија од 10-0 за МЗТ на „македонски погон“. Гостинот од БиХ беше задржан без постигнат поен две минути, а на спротивната страна поентираа Самариџиски, Симоновски и Стојановски, со што, практично, мечот беше решен затоа што МЗТ отиде на високи +18 (78-60).

Најдобар во победата беше Предраг Самарџиски со „дабл-дабл“ учинок од 26 поени и 14 скока, Иве Иванов заврши со 19, додека Вудард реализира 11 поени. Кај гостинот од Сараево, Мањгафиќ даде 16 поени, а Захирагиќ заврши со 15 поени.

МЗТ лигашкиот дел го заврши на третото место со скор 15-7. Пред македонскиот тим е Спарс Сараево со 16-6 и лидерот Приморска со 20-2. Четвртото место кое воедно е последното кое носи во плеј-офот му припаѓа на Борац со скор 13-9.