МЗТ доживеа „распад-систем“ во вториот дел во Златибор!

Кошаркарите на МЗТ Скопје го забележаа вториот пораз во АБА 2 лигата и загубија на гостувањето кај Златибор Чајетина со конечни и убедливи 102-74 во натпреварот од петтото коло. 

Избраниците на Васко Атанасов одиграа добро прво полувреме, имаа само пет поени негатива на паузата (54-49), но очајната трета четвртина ги чинеше скапо и дозволија ривалот да побегне на дури +20 на стартот од последните десет минути. 

Се обидоа „металците“ малку да го ублажат ударот на домаќинот, но Златибор имаше повеќе расположени кошаркари и до крајот рутински ја одработи задачата. На пет минути до крајот резултатот гласеше 88-68, што беше јасен знак дека македонскиот шампион ќе мора да се помири со висок и непријатен пораз. 

Најдобар поединец кај победничкиот состав беше Тревор Реј Мур со 30 поени, а во таборот на МЗТ четири поени помалку имаше Чарлс Гил. Во следното коло нашиот претставник ќе се соочи со екипата на Војводина Нови Сад. Овој меч ќе се одигра во салата „Јане Сандански“ во Скопје.