МЗТ донесе 17-годишен јуниорски репрезентативец од Феникс

Екипата на МЗТ Скопје донесе ново име во своите редови кое ќе биде во корист за иднината и потпиша договор со 17-годишниот Виктор Исајловски.

Станува збор за талентиран крилен кошаркар висок 200 сантиметри, кој мина низ сите репрезентативни селекции и од кого селекторот Милевски очекува многу на претстојното Европско првенство (ЕП), дивизија Б, кое ќе се одржи во Скопје.

Исајловски сега влегува во друштво на останатите таленти на МЗТ Скопје меѓу кои се Лука Стојановски, Андреј Настовски, Дамјан Миса и Леонид Тодоровски.

Исајловски во иднина ќе биде дел од јуниорскиот состав на МЗТ Скопје, со кого претходно како позајмен беше дел од турнирот во АБА-лигата за играчи до 19 години во Белград.