• Иван Димовски

Последен полуфинален патник во АБА2 лигата, како и противник на МЗТ Скопје е екипата на Широки Брег. Фаворитот славеше во последниот четвртфинален натпревар против Спарс Сараево со 85-81.
Спарс парираше на стартот, се одржуваше во пристоен дефицит и беше близу до егал. Сепак, Широки се одлепи на двоцифрена предност и на пауза замина со 42-31. Екипата од Сараево се врати до 48-48 во продолжението, меѓутоа не успеа да приреди изненадување.
Широки одново заигра сигурно, дојде до нова двоцифрена предност, а иако Спарс во завршницата пријде на само поен дефицит, сепак загуби. До победата хрватската екипа ја водеа Божиќ со 31 и Билиновац со 25, додека кај Спарс се истакна Врбица со 16 поени.
МЗТ Скопје за ривал го доби Широки Брег, а полуфиналниот натпревар е закажан за утре (петок) со старт во 21:00 часот.