МЗТ без Трајковски и најверојатно без Соколов ќе го пречека Фени Индустри

По дебаклот кај Морнар за крај на АБА лигата, екипата на МЗТ Скопје му се враќа на домашниот шампионат. Денес, со почеток од 18.00 часот, „металците“ ќе го пречекаат тимот на Фени Индустри и ќе го одиграат вториот меч во три дена, по напорното патување до Црна Гора.

Тренерот на екипата, Жељко Лукајиќ, ќе се врати меѓу своите кошаркари, бидејќи отсуствуваше од гостувањето во Бар поради семејни обврски. На денешната средба сигурно нема да се појави повредениот Бојан Трајковски, а можеби и Дарко Соколов, кој почувствувал болки во зглобот на крајот од претходниот натпревар. Тука не застануваат тешките моменти за МЗТ, кој веќе в сабота ќе има нов предизвик и ќе излезе на терен со вечниот ривал, Работнички. 

Денешниот меч е одлична можност за аеродромци да се вратат на победничките патеки, по неочекуваниот пораз од Гостивар во претходното коло. Евентуална победа ќе го однесе македонскиот шампион на третата позиција на табелата каде моментално се наоѓа Куманово.