МВР: Каменуван автобусот на „ЦПБ“ во Аеродром, двајца завршиле во болница

Министерството за Внатрешни Работи (МВР) потврди дека по синоќешното „вечно дерби“ на МЗТ Скопје и Работнички кое се одигра во Аеродром, бил каменуван автобусот во кој се превезувале навивачите на гостите, па двајца завршиле во болница.

На дуелот имаше две навивачки групи, а по крајот на средбата, лице фрлало со камења кон автобусот во кој се превезувале центарци. По инцидентот, двајца 17-годишници се здобиле со повреди и биле префрлени во болница.

  • Соопштението на МВР за инцидентот по „вечното дерби“:​

„На 06.05.2019 година околу 21 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булевар ’АВНОЈ’, по завршување на кошаркарскиот натпревар помеѓу екипите на МЗТ Скопје и Работнички, лицe фрлилo камен кон автобус што ги превезувал навивачите на кошаркарскиот клуб Работнички, при што скршил прозорско стакло.

Притоа, Х.Н.(17) и М.Б.(17), двајцата од Скопје, се здобиле со повреди и им била укажана помош во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ заврши со убедлива победа на МЗТ Скопје над Работнички и сега аеродромци се лидери во кошаркарската Суперлига. Работнички шанса за реванш ќе има во 10. коло од натпреварувањето.