МВП партија на Шортс, Париз преку Реал Мадрид до плеј-оф во Евролигата!

Кошаркарите на Париз Баскет продолжуваат со феноменалните игри во Евролигата и се пласираа во плеј-офот откако го совладаа славниот Реал Мадрид на гости со конечен резултат 73-81. 

Нашиот репрезентативец Ти Џеј Шортс одново беше вистински предводник и со МВП партија впиша учинок од 23 поени и девет асистенции. Французите имаа водство на паузата од десет поени (36-46), но Реал успеа да ја намали разликата по истекот на третата четвртина и се врати на само -4 поени. 

Последните десет минути одново минаа во знакот на гостите, Шортс ги разигра своите колеги, одличен беше и Надир Хифи, а важни поени постигна и Тајсон Вард.

„Кралевите“ во финишот комплетно го загубија компасот и на крајот мораа да се помират со пораз кој ги носи на ново разигрување за плеј-оф со Баерн Минхен, додека Париз патува во разигрувањето за шампионската титула и го очекува настап во четвртфиналната серија против екипата на Фенербахче.

Подобриот од мечот меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид ќе игра против првиот носител Олимпијакос.