Мута им го кажа рецептот на Хрватите: Земете Србин за селектор и плеј и ете ви медал!

Gol.mk на Евробаскет 2017 во Истанбул

Новинарот на „Јутарњи лист“, Твртко Пуљиќ во својот авторски текст за Евробаскетот откри интересна анегдота поврзана со помошникот на српскиот селектор Александар Ѓорѓевиќ, искусниот Мута Николиќ.

Добро познатото српско-хрватско риваство во „кралицата на игрите“ не доживеа нова епизода на Евробаскетот во Турција, заради раната елиминација на Хрватска од Русија во осминафиналето. Николиќ во шега или не, на Пуљиќ му ја кажал добитната формула за хрватски медал.

„Знаете кога ќе освоите медал на големите натпреварувања? Кога ќе земете селектор и плејмејкер Србин. Така беше и со Југопластика, ги имавте Маљковиќ и Сретеновиќ и бевме најдобри“, рекол Николиќ.

Искусниот кошаркарски тренер од Србија од оваа сезона ќе седне на клупата на Партизан, но со децении и дел од стручниот совет на федерацијата и работеше со скоро сите селектори во најдобрата и во младите репрезентации на СР Југославија, Србија и Црна Гора и Србија.