Муса и Дубаи го здробија Будуќност за финална АБА серија со Партизан!

Кошаркарите на Дубаи се пласираа во финалето на АБА лигата, откако беа подобри од Будуќност во „мајсторката“ на полуфиналната серија, со конечен резултат 103-77. 

Тимот од Обединетите Арапски Емирати прикажа феноменална игра во текот на целиот меч, најавувајќи го триумфот уште по првите две четвртини (54-39). Немаа Црногорците одговор ниту во второто полувреме, а Дубаи уште повеќе ја зголеми предноста и ја стартуваше последната четвртина со +19 поени.  

Завршните минути прераснаа во рутинска задача за домаќинот, кој на крајот убедливо ја потврди серијата со белградски Партизан во финалната серија на регионалното натпреварување. 

Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Џанан Муса со 20 поени и пет асистенции, а на спротивната страна, Јоги Ферел исто така имаше пет успешни додавања, но со пет поени помалку од Муса. 

Дубаи ќе има историска шанса за прв трофеј во јадранската конкуренција, иако и противникот ќе биде исклучително силен и мотивиран за зголемување на бројот на АБА-титулите.