• Сашо Поповски

Светското кошаркарско првенство, кое првично требаше да се одржи минатата година, беше преместено за 2019 година, а домаќинот Кина не разочара и ги исполни сите очекувања кај фановите и пошираката светска јавност.
Турнирот исто така донесе можност за репрезентациите да се квалификуваат на Летните олимписки игри во Токио 2020. Директен пласман обезбедија Австралија, САД, Нигерија, Јапонија, Аргентина, Иран, Франција и шампионската екипа на Шпанија. Остануваат уште четири празни места кои ќе се пополнат преку турнирите во Викторија, Сплит, Каунас и Белград.
Најголемото изненадување на СП 2019 беше пласманот на првиот фаворит САД. Американците целосно разочараа и го освоија само седмото место. Откако пропуштија можност да играат полуфинале, по поразот од Франција во четвртфиналната фаза, избраниците на Грег Попович беа надиграни и од Србија во борбата за петтото место, за на крај да ја совладаат Полска во мечот за седмата позиција на Мундијалот.
Многу се очекуваше од српската селекција, која застана во четвртфиналето, каде загуби од подоцна финалистот Аргентина. Пред голем успех беше Австралија, која одигра возбудливо полуфинале со Шпанија, но беше поразена по две продолженија.
Шпанците со помалку проблеми од очекуваното ги совладаа Аргентинците во борбата за златниот медал. Тоа за нив беше второ златно одличје во историјата, по радоста во 2006 година во Јапонија. „Триколорите“ втор Мундијал во низа се закитија со бронзениот медал, по триумфот над австралиските кошаркари во мечот за трето место.
Ова воедно беше првото Светско првенство на кое најуспешните селекции (САД, Русија и Србија) не успеаја да стигнат барем до полуфиналната фаза. Следниот турнир е закажан за 2023 година, а домаќини ќе бидат Филипини, Јапонија и Индонезија.