Може ли Франција пак да го запре „вечниот победник“ САД?

Кошаркарите на Соединетите Американски Држави одново се главен фаворит за златниот медал на Олимписките игри, каде што во финалето ќе се пресметаат со Франција

Избраниците на Грег Попович ќе бркаат 16-то златно одличје во Токио или четврто во низа. Франција ќе има тешка, но не и невозможна задача. Токму „триколорите“ се единствената селекција која ги победи Американците на овој кошаркарски турнир, во прото коло со 83-76. Сепак, од тогаш „се разбуди џинот“ и со четири убедливи победи стигна до нов медал и битка за злато. 

Со само еден пораз во финалињата, Соединетите Американски Држави се неприкосновен и апсолутен лидер меѓу репрезентациите кои се натпреваруваат во кошарка на Олимписките игри. петнаесетте победи, со еден неуспех, наспроти двете сребра на Франција и ниту едно најсјајно одличје, зборуваат многу. Сепак, Французите покажаа карактер кога беше најпотребно и се единствената непоразена селекција во Токио. По драмата во полуфиналето и блокадата на Батум вредна медал, сега следни на „менито“ се Кевин Дурант и соиграчите...

Никој, вклучувајќи ги и обложувалниците не верува во Франција, напротив, апсолутен фаворит е американската селекција. Избраниците на Винсент Коле ќе играат за височина која никогаш досега не ја достигнале, за честа и против „вечниот победник“ кога се во прашање Олимписките игри.  

Натпреварот за златниот медал ќе се одигра во „Саитама Супер Арена“ во Токио, утрото од петок кон сабота, со старт од 04:30 часот.