• Мартин Танасковски
Време е за финалето на машкиот кошаркарски турнир на ЛОИ во Париз. Три години откако се натпреваруваа во битката за златото во Токио, сега репрезентациите на Франција и на САД повторно ќе играат за олимписката титула во салата „Акор Арена“ во Париз
Во финалето на Олимпијадата во Токио пред 36 месеци, селекцијата на САД се мачеше, но сепак го надмина отпорот на Французите и славеше со конечни 87-82, па така ја одбрани својата олимписка круна. Тимот на САД тогаш сигурно не беше толку импресивен како сегашниот, но сепак имаше некои од суперѕвездите кои се во тимот за Париз - Кевин Дурант, Бам Адебајо, Девин Букер, Џејсон Тејтум и Џру Холидеј.
Во францускиот тим нема некоја особено сериозна разлика од пред три години, бидејќи Николас Батум, Еван Фурние, Руди Гобер, Гершон Јабуселе, Франк Нтиликина и Николас Батум повторно се дел од главните играчи на „петлите“. Три години по финалето во Токио, Американците во Париз пристигнаа со супер тим, а покрај петте споменати во изборот на Стив Кер, тука се и живите легенди Леброн Џејмс и Стеф Кари, како и играчи од ѕвездената генерација како. како Ентони Дејвис, Џоел Ембиид, Ентони Едвардс, Тајрис Халибартон и Дерик Вајт.
Американците очекувано минаа без проблем со три победи во својата група, а најголемиот проблем досега го имаа во натпреварот од полуфиналето против Србија, во кој Стеф Кари експлодира и го спаси „дрим-тимот“. Франција спротивно од очекувањата се избори пласман во финалето на домашната Олимпијада, а на патот кон мечот за злато ги елиминира светскиот првак Германија и вториот фаворит според квотите Канада.
Франција досега има 11 учества на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри, а земјата има три сребрени медали - од Лондон 1948, Сиднеј 2000 и Токио 2020. Интересно е што во сите три случаи „петлите“ го загубија златото од САД во финалето. Американците ја бараат својата петта последователна и вкупно 17-та олимписка титула. Последен пат ѕвездите од НБА не успеаја да дојдат до златото во Атина 2004 година, кога првпат беа поразени од Порторико и Литванија во групната фаза пред да загубат од Аргентина во полуфиналето.
Друг интересен факт пред мечот е дека Франција е последната репрезентација која ги победи САД на Олимпијадата. Ова се случи во Токио 2020 година, кога во групната фаза „петлите“ го победија противникот со 83-76.