Мотивираниот Јокиќ сака нова титула и „чека“ уште 80 милиони долари!

Никола Јокиќ во новата сезона влегува со јасна цел - повторно да го однесе Денвер до самиот врв во НБА лигата. Српскиот центар на почетокот на подготовките покажа дека е максимално мотивиран, а неговата физичка подготвеност веќе сега е на високо ниво.

На медиумскиот ден Јокиќ не се задржа само на вообичаените одговори. Отворено зборуваше за својата иднина во Денвер и го објасни и својот став околу новиот договор.

Иако летово не стави потпис на нова соработка, причината не е желбата да го напушти клубот. Следното лето Јокиќ би можел да заработи околу 81 милион долари повеќе.

„Ќе потпишам следната година, ако ме сакаат“, порача Јокиќ, со што практично стави до знаење дека сака да остане во Денвер.

Минатата сезона заврши разочарувачки за Нагетс, кои беа елиминирани од Минесота. Јокиќ не се обиде да го префрли товарот врз соиграчите или проблемите со кои се соочуваше тимот, туку призна дека не бил задоволен ниту од сопствените настапи.

Во плејофот против Минесота шутираше само 44,6 отсто од игра и 19,8 отсто за три поени,  за што реше дека дополнително го мотивирало да се врати уште посилен.

Летово Јокиќ настапуваше и за Србија, каде што ја имаше и улогата на капитен, а дополнителните натпревари очигледно не оставија трага врз неговата физичка подготвеност. Напротив, на почетокот на подготовките изгледа подготвен за најголемите предизвици уште од првиот ден.

За Денвер, сепак, многу ќе зависи и од здравствената состојба на Арон Гордон и формата на Џамал Мареј. Мареј сака да покаже дека изборот за Ол-стар минатата сезона бил заслужен, додека Гордон се надева дека конечно ќе има сезона без сериозни проблеми со повреди.

По турбулентното лето, Нагетс повторно ќе се потпрат на својот најважен човек. Јокиќ повеќе не сака само да биде најдобриот играч на тимот -  туку сака да биде лидер кој ќе го врати Денвер на шампионскиот трон.

Најнови вести од
НБА, САД