ВИДЕО: Монструозна прва четвртина на Дончиќ, Денвер без Јокиќ немоќен против Лејкерси

Љубителите на најдобрата лига во светот се надеваа дека конечно ќе можат да уживаат во спектакуларна пресметка меѓу Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, но тоа одново не се случи поради повредата на лактот на српскиот репрезентативец. Центарот на Денвер го пропушти вториот последователен натпревар за тимот на Колорадо и Лејкерси го искористија тоа и запишаа голем триумф од 120-108.

Ослабените Нагетси, кои исто така беа без Џамал Мареј, не претставуваа проблем за франшизата од Лос Анџелес, која го диктираше темпото од самиот почеток. Колку Лејкерси беа доминантни говори и податокот дека во првата четвртина постигнаа 46 поени, што е рекорд во тековната сезона.

Лука Дончиќ беше клучна фигура во победата на Лејкерси со 31 поен, а имаше и девет скока и седум асистенции за само три четвртини поминати на паркетот. Како илустрација за својата доминација, тој постигна 21 поен во првите 12 минути, што е речиси половина од бројот на постигнати поени на неговиот тим. Арон Гордон имаше „дабл-дабл“ учинок за Нагетси, завршувајќи го натпреварот со 26 поени и 11 скока.

Лејкерси на тој начин му се реваншираа на Денвер за нивниот неодамнешен пораз и дојдоа на само една победа од нив, бидејќи тимот од Лос Анџелес има 43 победи наспроти 44 на Нагетси.

Далас продолжува да тоне по заминувањето на Лука Дончиќ. Ослабениот тим од Тексас го запиша четвртиот пораз во низа, откако овој пат немаше сили против разиграната Индијана, која на крај славеше со 135-131. 

Камерунскиот репрезентативец Сиакам со 29 поени беше најрасположен во победничкиот тим, додека во отсуство на првите ѕвезди во таборот на Далас се истакна Вашингтон со 26 поени. 

Хјустон на гостувањето во Орландо уште еднаш потврди дека е во одлична форма и го запиша осмиот последователен триумф (116-108). Со оваа победа Хјустон се зацврсти на втората позиција во Западната конференција, додека Орландо, и покрај поразот, е сигурен во плеј-ин зоната во Источната конференција.