• Саше Љолес

Македонската репрезентација одлично ја започна втората претквалификациска фаза за Европското првенство, откако беше поуспешна од Австрија на гостински терен, совладувајќи ја со огромни 59-91.
Избраниците на селекторот Берокал влегоа со силен ритам и веднаш создадоа двоцифрена предност, а потоа само ја зголемуваа разликата и прикажаа одлична кошарка. Во супер издание беа Ненад Димитријевиќ и Виктор Ефремовски, кои имаа 12, односно десет поени во првиот дел, а на паузата резултатот гласеше 30-49.
Слична слика видовме и во вториот дел, Македонија не запираше со налетот и му држеше лекција на противникот. Отидовме и на +25 во средината на третата четвртина, а последните десет минути ги започнавме со резултат 44-65.
Беше јасно дека Австрија повеќе нема што да бара на овој меч, додека Македонија иташе кон првиот триумф во оваа рунда. Солидна партија во нашиот тим имаше и Мозес Рајт, кој до овој момент имаше десет поени и осум скокови. Димитријевиќ „решеташе“ од повеќе страни и беше лидер на нашата селекција, носејќи ја Македонија до сигурен и убедлив триумф.
На крајот, нашите кошаркари забележаа убедлива победа со конечни 59-91, а најефикасен играч беше Виктор Ефремовски со 17 поени. Ненад Димитријевиќ имаше „трипл-дабл“ од 15 поени, 13 скока и 11 асистенции. Дванаесет поени имаше Адем Мекиќ, а Мозес Рајт постигна исто така 12 поени, но впиша и девет скокови. Следен меч за Македонија ќе биде против Кипар на 26 ноември.

