Монако со „брејк“ во Пиреја ја израмни серијата со Олимпијакос

Кошаркарите на Монако одиграа убедлива партија и направија „брејк“ во Пиреја против Олимпијакос со триумф од 72-96. Со оваа победа екипата од кнежевството ја израмни серијата „прв до три“ на 1-1, пред истата да се пресели во Монако. 

Олимпијакос отвори добро, успеа да поведе со 14-4 и изгледаше дека го има лекот за противникот. Сепак, Монако успеа уште пред полувремето да дојде до егал, а потоа и двоцифрена предност за себе со неверојатна серија од 20-0 и на пауза гостите водеа со 28-40. 

На стартот на вториот дел Монако успеа дополнително да се одлепи, дојде и до втората двоцифрена маргина, па предноста прејде и преку 20 разлика. Завршницата беше практично решена, иако Олимпијакос имаше последен налет и пријде на „минус 14“. Со нови мини-серии Монако одново се одлепи, поведе и со најубедливи +25 и убедливо триумфира. 

Најкорисен на паркетот во победничкиот табор беше Мајк Џејмс со 23 поени, додека Анѓушиќ уфрли 19, а Бејкон 17 поени. Кај домаќинот со 14 најпрецизен беше Везенков, а по 12 поени уфрлија Дорси и Папаниколау.