• Саше Љолес

Кошаркарскиот клуб Босна ќе го замени Монако во групата Д од Еврокупот во сезоната 2026/27, соопшти денеска раководството на натпреварувањето.
Одлуката доаѓа откако Монако не успеа да ги исполни условите пропишани со официјалниот правилник на Еврокупот. Босна доби специјална покана за настап и ќе биде дел од групата заедно со Бахчешехир, Балкан Ботевград, Манреса, Лиеткабелис, ПАОК, Улм и Рома.
За клубот од Сараево ова ќе биде прво учество во Еврокупот по речиси две децении. Босна досега само еднаш настапувала во ова натпреварување, во сезоната 2007/08.
Токму во таа сезона Босна одигра натпревар кој влезе во историјата на Еврокупот. На четврти декември 2007 година загуби од Алба со 141:127, по дури пет продолженија, што и денес е најдолгиот натпревар во историјата на натпреварувањето.
И покрај поразот, Босна се пласираше во нокаут-фазата, каде што во шеснаесетфиналето беше елиминирана од Гран Канарија.
Сепак, најголемиот успех во историјата на клубот се случи во 1979 година, кога Босна во финалето на Купот на европските шампиони во Гренобл го совлада Варезе со 96:93. Предводени од легендарните Мирза Делибашиќ и Жарко Варајиќ, сарајлиите станаа првиот клуб од поранешна Југославија кој ја освоил европската клупска титула.
Босна во Еврокупот влегува како актуелен шампион на својата држава, а првиот натпревар ќе го одигра на 30 септември против Лиеткабелис.
