• Горан Упале
Кошаркарите на Монако му зададоа голем удар на Фенербахче и среде Истанбул славеа убедлива победа од 69-99 во првиот натпревар од 15. коло на Евролигата. Овој натпревар требаше да биде големо дерби на две екипи од самиот врв, но видовме само една екипа игра сериозна кошарка, а другата беше декласирана.
„Канаринците“ водеа со +5 во втората четвртина, но потоа дојде до пресврт и водство од осум поени на „кнезовите“. Во третиот квартал гостите со нова серија го шокираа домаќинот, а во последниот дел целосно го декласираа тимот на Шарунас Јасикевичиус.
Најдобар во францускиот тим беше Мајк Џејмс, кој натпреварот го заврши со 21 поен, додека Ели Окобо запиша 19. На другата страна единствен расположен беше Најџел Хејс-Дејвис со 28 поени. Монако стигна до 10. победа, со пет порази, а ист скор сега има и Фенербахче.
Возбудливо беше и во Берлин, каде Алба и Партизан одиграа неверојатен натпревар, кој заврши со среќен крај за гостите од Белград и тоа благодарение на Карлик Џонс, кој имаше мирна рака во финишот и го постигна клучните четири поени (90-91).
За Партизан најпрецизен беше токму Карлик Џонс со 24 поени, а Тајрик постигна четири поени помалку. Кај Алба се истакна Дејвид Мекормак со 15 поени.