Моќна партија на Хортон, ТФТ им се врати на победите во БИБЛ

Македонскиот кошаркарски колектив ТФТ Скопје им се врати на успесите во БИБЛ лигата и новата година во регионалното натпреварување ја започна со тесна победа над Ибар. 

Тимот од Тавталиџе несреќно ги загуби последните два натпревари во групата Б, но вечерва му се одмазди на црногорскиот тим за поразот од пред еден месец и со 87-83 ја забележа својата четврта овосезонска победа во БИБЛ.

ТФТ Скопје имаше одличен старт на натпреварот. Во првиот квартал беше поефикасен и се избори за позитива од шест поени, која на крај се испостави како клучна. Следните две четвртини завршија со по идентичен број на поени на двете страни, додека последната ја доби тимот на Ибар со 18-20.

Американецот Хортон со фантастична партија и 35 поени беше најзаслужен за победата на ТФТ на овој дуел. Покрај него во таборот на македонскиот тим одлично деби во БИБЛ имаше Џермејн Бишоп со 13 поени и клучна тројка во самиот финиш, додека Андреј Маслинко имаше девет поени и шест скока. Најпрецизни кај црногорскиот тим беа Калиќ и Књезевиќ со по 15 поени.